OFFest 2020 – БАКЛАВА // Добрила и Дориан дуо (ДДД)

Македонска Филхармонија – мала сала, Скопје

19:00

07 Nov

OFFest 2020 – БАКЛАВА // Добрила и Дориан дуо (ДДД)

Event details

Date (start) 07-11-2020
City Скопје
Time (start) 19:00

Event map

OFFest 2020 – БАКЛАВА // Добрила и Дориан дуо (ДДД)

БАКЛАВА

Баклава се оформени во 2005 година, како резултат на спојот на индивидуалните музички искуства на нејзините членови во своите проекти, но и низ соработките со други музичари и бендови. Своето музичко патешествие го започнаа како квартет, со минималистички музички концепт: звук составен од женски вокал, два жичани (тамбури) и еден удирачки народен инструмент (деф). Откажувајќи се од сложените музички форми и оркестрации, Баклава ја слават совршеноста на едноставноста, создавајќи авторска музика во жив дијалог со естетските дострели на македонскиот мелос. Освен преработките на композиции од македонскиот фолклор, светогледот на групата Баклава, во исто време, е отворен и за туѓи фолклорни традиции. Бендот има снимено четири албуми: „Баклава“ (2006), „Калемар“ (2008), „Me Mankas Mucho” (2011) и штотуку издадениот „IV” (2020). Имаат работено музика за неколку филмови, а настапувале во повеќе европски земји: Белгија, Франција, Шпанија, Германија, Чешка, Италија, Данска, Турција, Словенија, Романија, Србија и Бугарија.

ЕЛЕНА ХРИСТОВА вокал
ДЕЈАН ТЕОДОСИЕВСКИ виолончело
ПЕТАР ХРИСТОВ кларинет, саксофон
АЛЕКСАНДАР НИКОЛОВСКИ труба
ЈОРДАН КОСТОВ хармоника
ДИЏЕЈ ГОЦЕ грамофони
СИБО перкашн

www.baklava.band

БАРАЈЌИ ГО ЧУДОТО…
Добрила и Дориан дуо (ДДД)

Кога во една јулска приквечерина, обоена со најголемиот хор на штурците во Козле започна разговорот меѓу двајца пријатели во кој ја споделија идејата да направат нов проект, не ни помислуваа каков тек ќе заземе оваа мисла и каков лик ќе има музика што набргу започнаа да ја создаваат. Добрила и Дориан дуо (тим којшто е веќе познат како дел од Чалгија саунд систем) започнаа една мека „офанзива“ на амалгамизирање на гласот, утот, луповите и импровизацијата. Од една страна, Добрила ги пее македонските песни, но и си игра со тишината, со мелодијата која не мора секогаш да биде тон, туку и шум, а од друга, Дориан свири на ут – инструментот претеча на денешната гитара, и го пронаоѓа пикот на луповите и прстометот по 6 жици, помеѓу макамите и западните скали. Добрила го добила своето знаење отскривајќи ја покривката на македонското музичко – пејачко наследство на Вања Лазарова, Мирвет Беловска, Кирил Манчевски, но и од влијанието на слободните истражувачи на инаквиот начин на пеење и изразување. Дориан Јовановиќ пак работејќи на своите неколку проекти (String Forces, Axiotomic, Dorian Jovanovic oud quartet) го синтетизира до максимум насобраното знаење и искуство и го изнесува на виделина тoкму во овој проект наречен Амалгами – што поради фузијата на знајното и незнајното, што поради тишината и хорот на штурците од Козле, што поради поривот преку музиката да се пронајде чудото…

Добрила Грашеска – вокал
Дориан Јовановиќ – ут, лупови

Tickets