ANOUAR BRAHEM QUARTET / SOКRATIS SINOPOULOS QUARTET

Национална Oпера и Балет, Скопје

20:00

18 Oct

ANOUAR BRAHEM QUARTET / SOКRATIS SINOPOULOS QUARTET

Детали за настанот

Датум (старт) 18-10-2019
Град Скопје
Почеток 20:00

Мапа на настанот

ANOUAR BRAHEM QUARTET / SOКRATIS SINOPOULOS QUARTET

ANOUAR BRAHEM ут

KLAUS GESING бас кларинет

BJÖRN MEYER бас

KHALED YASSINE перкусии

Ануар Браем е волшебник на инструментот ут, автентичен мајстор кој успева да ја изнесе на површина сета акустична магија што ја носи оваа стара традиционална ориентална лејта во својата утроба: музичкото наследство на арапскиот и исламскиот свет. Браем е феномен, концентрирана мешавина на плодни парадокси: тој е крајно субверзивен класицист; осамен солист, недвосмислено отворен кон светот; човек склон кон поместување на сопствените и на музичките граници, не попуштајќи ни сантиметар од естетските стандарди ковани низ времето и калени со длабока почит кон традицијата. И бидејќи речиси четириесет години настојува да го вткае ова изобилство на влијанија и различни страсти во самата срж на своите дела и композиции, Ануар Браем денес создава музика водена првенствено од неговата лична, сопствена визија, ослободена од какви било познати традиционални влијанија. Од богатиот репертоар на џезот – Џон Сурман, Дејв Холанд, Јан Гарбарек и Џек Ди Џонет се само некои од врвните музичари што подлегнаа на волшебните мелодии на Браем – па сè до повеќето различни традиции од медитеранско и ориентално потекло (од родниот Тунис до границите на Индија и Иран), неговиот чувствителен, но сепак строг музички израз постојано го редефинира оној умно составен универзум на поезија и култура, секогаш балансирајќи меѓу дискретноста и сензуалноста, носталгијата и контемплацијата. Проектот “The Astounding Eyes of Rita” (ECM, 2009) е посветен на сеќавањето на палестинскиот поет Махмуд Дарвиш.

 

SOKRATIS SINOPOULOS лира

YANN KEERIM пијано

DIMITRIOS TSEKOURAS контрабас

DIMITRIOS EMMANOUIL тапани

 Сократис Синопулос е роден 1974 година во Атина. Тој уште како дете ја изучува византиската музика и класичната гитара. Во 1988 година почнал да свири лира и лејта, под менторство на Рос Дејли. Следната година е веќе член на групата на неговиот ментор – Labyrinthos. Оттогаш снима и настапува со композитори, музичари и пејачи од Грција и светот, во најразлични жанрови, од фолк музика до џез, учествувајќи на безброј концертни настапи и снимки низ целиот свет. Во 1999 година е одликуван со националната награда за млади уметници „Мелина Меркури“. Во џез водите се пробива, пред сè, благодарание на неговото учество во снимањето на ECM-изданијата на Чарлс Лојд, Марија Фарантури и Елени Караиндру. Во 2011 година го оформува Sokratis Sinopoulos Quartet. Деби албумот на квартетот под наслов “Eight Winds” (2015), продуциран од Манфред Ајхер за ECM Records, предизвика одлични критики на глобално ниво. Четири години подоцна, Sokratis Sinopoulos Quartet се враќа со својот нов албум “Metamodal” (2019, ECM). Станува збор за уникатен бенд, квартет што суптилно ги разоткрива различните музички влијанија, создавајќи дело коешто е резултат на спознанијата и искуството на музичарите во однос на фолклорните форми, византиската и класичната музика, како и бројните форми на импровизација, вклучувајќи и џез. “Metamodal”, снимен во Атина и повторно продуциран од првиот човек на ECM – Манфред Ајхер, претставува гигантски чекор напред за групата во однос на нивното деби издание.

Билети