Loading Events
  • This event has passed.
октомври 20 @ 8:00 pm - 11:00 pm
900ден

MARIO ROM’S INTERZONE

Оние што се обидуваат да ги опишат Mario Rom’s Interzone постојано бараат суперлативи. По концертот на прочуениот Rochester Jazz Festival во Њујорк, главните критичари на фестивалот ги нарекоа – едни од најзабавните и највозбудливите изведувачи на фестивалот. Ваквата реакција на американскиот печат е сѐ освен очекувана за австриски бенд со просечна возраст под 30 години, но триото што го сочинуваат Марио Ром, Лукас Кранцелбиндер и Херберт Пиркер за многу кратко  време доби големо внимание ширум светот. Групата со својата невообичаена инструментација (труба, бас и тапани) се покажа способна виртуозноста и хуморот да ги преточи во една забавна целина, оставајќи впечаток дека се четири, пет или повеќе музичари. Едно е јасно: Interzone свират џез. Сепак, нивно гесло е „сѐ е дозволено“. Медиумите ги опишуваат Interzone како „апсолутно откритие“ со „изненадувачки, ненадминлив темперамент“. Нивната виталност ја остава публиката жедна за бисови до исцрпување на репертоарот. Во 2017 година тие го објавија својот трет албум „Truth Is Simple To Consume“ којшто го донесе нивното импресивно музичко патување на уште повисоко ниво.

 

DEE ALEXANDER

Ди Александер е една од најталентираните и најпочитуваните вокалистки од Чикаго и истовремено вистински бисер во недолгата листа на денес најдобрите џез-пејачки во светот. Нејзините таленти се протегаат на секој музички жанр, но сепак, срцето и душата на Александер во најчиста форма се отсликуваат во џез музиката. Во меките, сензуални  балади но, и во динамичното „скет-дивеење“ Ди пее со импресивна вокална длабочина и експлозивна драматичност. Израсната во опкружање во кое најмногубројни биле плочите на Дајна Вашингтон, таа ги наведува Сара Вон и Ела Фицџералд како свои најголеми влијанија. Тука е и чикашкиот саксофонист Хенри Хаф, кој ја насочи на вистинскиот пат до совршенството во вокалната импровизација. Во својата кариера Ди Александер имаше плодна соработка со џез-елитата на Чикаго: Ремзи Луис, Орберт Дејвис, Никол Мичел, Ернест Докинс и многу други. Ди, истотака е и член на славната и значајната „Асоцијација за унапредување на креативните музичари“ (AACM). Покрај постојаната работа со својот квартет, таа го формира и Evolution Ensemble, акустичен состав со гудачки инструменти и перкашн. Албумот “Wild is The Wind” од 2009 година (посветен на Дајна Вашингтон, Нина Симон и Хенри Хаф) е нејзиното најдобро остварување, а мнозина го оценија и како едно од десетте најдобри изданија на џезот во првата декада на новиот милениум. Последниот проект на Ди, “Songs My Mother Loves”, наиде на одличен прием кај музичката критика. Проектот е посветен е на нејзината мајка, но и на музиката која стана толку значајна во нејзиниот живот.

Купи го својот билет online